Ракетни напади се пријавени ширум Украина, вклучително и главниот град Киев, неколку дена откако Русија ја обвини Украина за напад со дрон врз нејзината црноморска флота, јавува Би-Би-Си.
Во дел од територијата на Украина утринава се огласиле предупредувања за воздушен напад, а киевските медиуми и официјални лица јавуваат дека одекнуваат експлозии во главниот град Киев.
Мапата што ја споделија вооружените сили на Украина покажа дека голем дел од украинските територии се под тревога, вклучувајќи ги и регионите Киев, Харков, Суми, Запорожје и Одеса.
Новинарот на „Гардијан“, Лук Хардинг, исто така потврди дека сирените за воздушен напад се вклучиле во главниот град веднаш по 6 часот наутро.
Украинскиот советник на министерот за надворешни работи потврди дека од утрово Украина е „жестоко“ нападната.
„40 крстаречки ракети од утрово кон Украина“, напиша тој на Твитер.
Украинскиот „Киев Индипендент“ јавува дека рано утринава во Киев и во регионот на Киев се слушнале седум или осум експлозии, додавајќи дека се уште не е позната причината за експлозиите.