Рускиот снабдувач со гас Гаспром соопшти дека „виша сила“ е виновна за намалената испорака на гас за најмалку еден голем клиент во Европа од средината на јуни, според документот во кој увид имал Ројтерс.
Минатата среда Газпром предупреди дека не може да гарантира безбедно функционирање на клучниот дел од гасоводот Северен тек 1 што испорачува гас во Германија, бидејќи не е сигурно дали турбината испратена во Сименс на сервис ќе и биде вратена.
Во средината на јуни руската компанија ја намали испораката на гас за Германија за 60 отсто поради, како што наведоа, доцнењето на турбината од сервис. Сименс ја испрати турбината во фабрика во Канада, која ја блокираше бидејќи воведе санкции кон Русија поради нејзината инвазија на Украина.
Клаузула за „виша сила“.
Минатиот четврток Гаспром ја активираше клаузулата за „виша сила“ за да се заштити од плаќање компензација за намалените испораки на одредени клиенти во Европа од 14 јуни, тврдејќи дека не ги исполнил договорните обврски поради вонредни околности, според документот од 14 јули.
Тоа значи дека Гаспром не мора да плаќа надомест за намалената испорака на гас.
Според трговски извор кој сакаше да остане анонимен, писмото се однесува на намалените пратки преку гасоводот Северен тек 1, главната рута за снабдување со Германија.
Гаспром не одговори на барањето на Ројтерс да ја коментира најавата за „виша сила“.
Канада одобри испорака на турбина во Германија
Западот сега со нетрпение чека да види дали Гаспром ќе го отвори гасоводот, забележува Ројтерс.
Во меѓувреме, Канада ја одобри испораката на турбината во Германија, а рускиот весник Комерсант објави дека таа пристигнала во понеделникот. На 11 јули гасоводот беше затворен 10 дена заради редовно одржување и треба да биде отворен кон крајот на оваа недела.
Австриската групација за нафта и гас ОМВ во понеделникот објави дека очекува да продолжи со снабдување со гас од Русија преку гасоводот Северен тек 1 како што е планирано.